Уште еден скандал со внуците на Ахмети, станал прв секретар со 10 месеци стаж

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку пратеникот Драган Ковачки објави дека Бесијан Ахмети, внук на Али Ахмети и брат на Дрин Ахмети кој ја купи Соравија, само со 10 месеци работен стаж пред три месеци станал прв секретар на македонската амбасада во Брисел.

„Бесијан Ахмети, брат на Дрин Ахмети вклучен во купувањето на центарот „Соравија“ во Скопје, на 16 мај 2022 година е вработен во Министерството за економија, на работна позиција помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, за 10 месеци подоцна на 16 март 2023 година да биде именуван за прв секретар во амбасадата во Брисел. Бесијан Ахмети е преземен по пат на интерен оглас, на кој се пријавил, и работното место од економија го заменил со тоа во МНР“, рече Ковачки.

ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската комисија да постапува за утврдување на партиско влијание и непотизам, како и за незаконско постапување од министерот Бујар Османи затоа што со 10 месеци стаж и преземање Бесијан Ахмети може да добие само дипломатското звање аташе, а не да биде унапреден три скалила одеднаш.