Обвинетиот Шемседин Јашари е петтиот вработен во МВР , откака на минатото рочиште вина признаа четворица негови колеги и еден „поттикнувач” за издавање на пасоши во случајот „Двојник“.
Основниот кривичен суд во Скопје му изрече казна затвор од една година и седум месеци на Јашари се гони за злоупотреба на службената должност.
Обвинителката Андонова рече дека денешното признание на вина од обвинетиот значи потврда на обвинението во поглед на преземените дејствија и смета дека судот при неспорна фактичка состојба треба да ја утврди и кривичната одговорност на обвинетиот и да го прогласи за виновен.
„При санкционирање судот да го земе предвид признанието на вина и оваа околност заедно со околностите на неговите семејни и фамилијарни односи да ги стави во сооднос со отежнителните околности. Предлагам казната, што Судот ќе ја изрече, да биде сублимат на сите овие околности, но истата по вид и висина да биде адекватна за остварување на целите за казнување на генерален план“, рече Андонова.
Во случајот од првично обвинетите 11 лица, на првото рочиште вина признаа пет лица, а една од вработените во МВР, која беше отсутна поради болест, преднајави признание на вина преку својот бранител и судот ја раздвои постапката за неа.
Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.
