Странските амбасадори во Македонија ги спроведуваат насоките на нивните држави и се грижат за исполнување на стратешките интереси на своите влади. И тука нема ништо спорно.

Проблем е кога амбасадорите почнуваат невозможна мисија и се обидуваат да не убедат дека сите интереси на нивните држави се исти со сите интереси и желбите на македонците.

За да не се мачат на тој пат по кој најчесто се разочарани или револтирани од клетвите кои ги добиваат од разочараните Македонци им препорачувам да внимаваат на неколку работи кои ги иритираат Македонците:

Прво, не ги нарекувајте Македонците северномакедонци

Второ, не ги понижувајте Македонците со именување само како православни без да кажете дека се и Македонци

Трето, кога ќе им кажете на Македонците дека ќе се борите против корупцијата не ги оставајте со месеци и години да чекаат да видат резултати од силно најавената битка против корупцијата

Четврто, не им се заканувајте на Македонците со вета, блокади и други последици ако не исполнат некои ваши барања затоа што не го заслужиле тоа

Петто, ако немате намера да ги примите во ЕУ не ги лажете дека ќе ги примите ако направат нешто што вие го сакате, освен ако навистина имате сигурен план да ги примите во унијата

Шесто, не ги понижувајте Македонците по принципот „морков и стап“ затоа што премногу пати досега не добивале морков иако ги спровеле барањата а добивале стап дури и кога не заслужиле

Седмо, ако мислите дека Македонците се лоши, мрзливи, нечесни, корумпирани, нецивилизирани или грди кажете им го тоа в лице наместо да им правите лице а зад грб да зборувате дека не заслужуваат да имаат држава

Осмо, почитувајте го мислењето на Македонците исто како што тие го почитуваат вашиот став иако тој понекогаш е нечесен кон нив

Деветто, запрете го егзодусот на младите Македонци од државата ако навистина ја сакате Македонија како што голем број од вас тврдат јавно

Десетто, не помислувајте дека можете да ги излажете сите Македонци понекогаш или дека секогаш можете да лажете дел од Македонците

Единаесетто, не им верувајте и не ги базирајте вашите анализи за состојбата во Македонија на советите на тие што директно или индиректно ги плаќате, тие најчесто ве лажат затоа што мислат дека ви должат да не ви ја кажуваат вистината која може да ве нервира

Дванаесетто, не фрлајте пари на глупи проекти по кои корист имаат малкумина, правосудството и администрацијата тонат а вашите држави стануваат се понеомилени затоа што ефектот од значаен дел потрошените пари на вашите даночни обврзници е речиси никаков

Тринаесетто, не носете ваши експерти кои ги земаат најголемите пари од проектите кои ги финансирате затоа што и самите гледате колку е падната довербата во стратешките партнери на Македонија иако со децении трошите десетици и стотици милиони евра од кои голем дел се ,,одвеани од ветрот”

Можам вака до сто, но и овие се доволни.

Освен ако баш ви е гајле што мислат Македонците за вас. Тогаш ништо од погоре напишаното не е важно.