Универзитетските професори го одбија Сали

Универзитетските професори Никола Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски го одбија министерот за здравство Беким Сали да бидат дел од Комисијата за заразни болести. Тоа не се прави преку Фејсбук, му порачаа докторите на министерот откако тој ги покани да членуваат во Комисијата преку објава на неговиот профил на Фејсбук.

Микробиологот Пановски вели дека нема никаков проблем да го советува првиот човек во здравството, но сепак начинот на кој е поканет не заслужува да се коментира.

– Не ме контактирале, а за поканава слушнав од ваши колеги! Совети давам секому, секако би го советувал и министерот, во Комисија на овој начин секако не влегувам. Јавната покана за мене е беспредметна да се коментира. Јас не сум на толку ниско ниво за да прифатам таков вид комуникација – вели доктор Пановски за „Фокус“.

Епидемиологот и поранешен министер за здравство Даниловски уште пред еден месец се изјасни дека нема намера да биде член на Комисијата.

„Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде! Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна. Арно ама, ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата. Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија“, тврдеше доктор Даниловски.

Д-р Марковски вели дека Комисијата е советодавна на министерот без суштинско влијание на какви било мерки.

– Јас рано во 2020 предложив комисија за ковид-19 како владино тело чии одлуки ќе бидат задолжителни за сите, за жал тоа не беше прифатено. Од друга страна несериозно е да се покануваат експерти преку Фејсбук. Исто така, мислам дека министерот со комплет кадровски и стручни решенија требаше да излезе при неговиот избор во парламентот – вели за Сител професорот Вело Марковски.