Оливер Вархелји од Унгарија е на пат да го наследи Австриецот Јоханес Хан на функцијата еврокомесар за добрососедска политика и за проширување, откако доби зелено светло од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Процесот на потврда на именувањето на актуелниот унгарски амбасадор во ЕУ е заокружен денеска со пораката од најголемите политички групации во ЕП дека ги прифаќаат писмените одговори од Вархељи на дополнителните прашања.
Европарламентарците бараа од него да демонстрира јасна и уверлива независност од својот сегашен шеф, премиерот Виктор Орбан, а Вархељи два пати во своите писмени одговори нагласи дека нема да прима наредби од ниту една национална влада.
Со одобрувањето на номинацијата на Вархељи, се отвора патот за гласање на целокупната комисија на Урсула фон дер Лајен следната среда во Стразбур и за нејзино преземање на функциите на 1 декември, еден месец по предвиденото.