УНЕСКО утре во Париз ќе одбележи 100 години од раѓањето на Блаже Конески

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) утре од 16 часот во своето седиште во Париз ќе ја чествува стогодишнината од раѓањето на истакнатиот македонски книжевен, културен и јавен работник, академик и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик Блаже Конески.

Настанот е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО, на кој воедно ќе се слави и Светскиот ден на поезијата 21 Март, a ќе биде соопштен и лауреатот на годинашното 60. издание на Струшките вечери на поезијата, како и добитникот на наградата Мостови на Струга, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

„Со организирањето на овој настан, се враќа некогашната традиција со која одбележувањето на Светскиот ден на поезијата и соопштувањето на добитникот на Златен венец, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, како и на добитникот на Мостови на Струга, награда за најдобра дебитантска поетска книга под покровителство на УНЕСКО, се реализираат токму во Париз, во седиштето на оваа престижна Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации“, соопшти Министерството за култура.