„Едно прашање имам: чија современа историографија го смета Самуиловото царство за Бугарско Царство? Бугарската ли? Ги молам колегите историчари, а особено колегата Митко Панов за одговор?“ – изреагира Елка Јачева-Улчар, универзитетската професорка од Институтот за македонски јазик на својот фејсбук-профил, откако членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија се огласија во јавноста со усогласени препораки во однос на можноста за „заедничко чествување на одредени историски личности и за промени во учебниците во историја во 5 клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија“.

Таа заедничка комисија соопшти дека ‘Македонија и Бугарија заеднички ќе ги чествуваат Кирил и Методиј, Климент и Наум и цар Самоил“ и има по 7 препопраки за во учебниците’ и оти „препораките се испратени до министерствата за надворешни работи и на потег се властите на македонската и бугарската држава за тоа како ќе се постапува натаму со овие препораки“.

Надоврзувајќи се на реакцијата на Јачева-Улчар, Митко Панов, универзитетскиот професор од Институтот за национална историја најави своја анализа на „заедничките чествувања на историските личности на Македонија и Бугарија“.