Регионот Херсон на југот на Украина не планира да стане посебна независна република, изјави заменик-шефот на регионалната воено-цивилна администрација Кирил Стремусов.
Според него, целта е Херсон да стане руски регион.
„Ние не планираме да бидеме посебна независна република. Нашата главна задача е да бидеме субјект во рамките на Руската Федерација“, изјави Стремусов за РИА Новости.
Тој изјави дека Херсонската област, нема да избрзува со референдумот за самоопределување.
„Бидејќи резултатите од референдумот и онака нема да ги признаат западните земји, неговото сегашно одржување е губење време. Затоа не ни помисливме на одржување референдум“, рече Стремусов.
Според него, процесот на транзиција кон стандардите на руското законодавство треба да биде завршен до крајот на годината и дури тогаш може да се донесе одлука за референдумот и идниот статус на регионот.
Стремусов посочи дека властите на Херсонската област ќе побараат во регионот да се постави руска воена база која треба да биде гаранција за безбедноста.
Тој изјави и дека рускиот јазик заедно со украинскиот ќе добие статус на државен јазик.
Кон средината на март руските сили ја презедоа контролата врз регионот.
