Војската на Украина сега е речиси шест пати поголема отколку што беше на почетокот на конфликтот меѓу Киев и Москва, тврди претседателот Володимир Зеленски.

„Ни требаше армија од повеќе од 250.000 или 260.000, но имавме само околу 120.000 војници подготвени за борба пред почетокот на руската воена агресија кон крајот на февруари“, изјави тој за „Украина 24“.

Зеленски истакна дека на почетокот на 2022 година дал наредба да се зголеми бројот на војници за уште 100.000 „без разлика дали имаме пари или не“, но призна дека дури ни тие бројки не биле доволни за да ја запрат руската војска.

„Денес имаме 700.000. Сега ги гледате резултатите од работата на 700.000 кои се борат“, додаде тој.

Шефот на украинската држава нареди општа мобилизација по почетокот на судирот, велејќи дека сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години треба да останат во земјата и да се борат.

На почетокот од неделава до Врховната рада беше поднесен закон со кој се повикува на оние мажи кои, сепак, успеале да побегнат и не успеале да се вратат во земјата во рок од 30 дена, да им се одземе украинското државјанство.