Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, на Твитер ја спореди посетата на Путин на окупираниот Мариупол со посетата на Хитлер на овој град во 1941-ва:
„Друг диктатор го посети Мариупол. Знаеме како заврши неговата приказна. Многу историчари и современици тврдат дека токму тука Хитлер за првпат сфатил дека војната е изгубена“, напиша Герашченко на Твитер.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска беше во непланирана посета на Мариупол и тоа беше прво патување на лидерот на Кремљ на териториите на украинската област Доњецк под руска окупација од почетокот на војната.
Посетата дојде откако Путин вчера ненајавено патуваше на Крим по повод одбележувањето на деветгодишнината од руската анексија на полуостровот и само два дена откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење.
