Украина ќе го повика унгарскиот амбасадор за да протестира поради шалот на премиерот Виктор Орбан на фудбалски натпревар на кој е прикажана украинска територија како дел од Унгарија, соопшти во вторникот украинското Министерство за надворешни работи.

Украинските медиуми објавија слики од средбата на Орбан со унгарски фудбалер на кои носи шал за кој весникот „Украинска правда“ рече дека прикажува карта на „Голема Унгарија“ вклучувајќи територии што сега се дел од соседните држави Австрија, Словачка, Романија, Хрватска, Србија и Украина.

„Промовирањето идеи за ревизионизам во Унгарија не придонесува за развојот на украинско-унгарските односи и не е во согласност со принципите на европската политика“, напиша на Фејсбук портпаролот на украинското министерство Олег Николенко.

Николенко рече дека Украина сака извинување и отфрлање на какви било унгарски претензии на украинска територија.

Во објавата на Фејсбук во вторникот, Орбан не се осврна директно на контроверзноста околу шалот.

„Фудбалот не е политика. Да не гледаме нешто што го нема“, напиша тој. „Унгарската репрезентација им припаѓа на сите Унгарци, каде и да живеат!“

Двете земји се во постојан судир последниве години околу, како што вели Унгарија, ограничувањето на правото на етничките Унгарци кои живеат во Украина да го користат својот мајчин јазик, особено во образованието, откако Украина во 2017 година усвои закон за ограничување на употребата на јазиците на малцинствата во училиштата.