Амбасадорката на Украина во Скопје, Наталија Задорожњук, смета дека нејзината земја нема пречки за членство во НАТО, меѓу другото и поради тоа што не е поинфериорна во однос на најновата членка Македонија.

„Исклучително важно е да се обезбеди политичко решение. Да бидеме искрени: Не мислам дека вооружените сили на Украина се инфериорни во однос на вооружените сили на Северна Македонија во поглед на професионалноста, подготвеноста и искуството. Во овој контекст, треба да се посвети посебно внимание на работата со водечките земји на НАТО, на изнаоѓањето аргументи, на неопходноста да ги убедиме дека имаат потреба од нас исто колку ние од нив. И сигурна сум дека имаме доволно такви аргументи. Тоа е секојдневна макотрпна работа за сите ресори во Владата. Скопје работеше многу напорно со главните градови на водечките држави на НАТО, особено за да ја добие потребната поддршка од САД и од Германија“, изјави амбасадорката во интервју за украинската новинска агенција Укринформ.

Таа исто така истакна дека Украина треба повнимателно да ги проучува примерите за регионална соработка на Западен Балкан.