Украина има намера да ѝ се приклучи на ЕУ до 2024 година!

Украинската вицепремиерка Олга Стефанишина во интервју за германскиот весник „Велт“ изјави дека нејзината земја има намера да го заврши процесот на пристапување во Европската унија до крајот на 2024 година.

„Решени сме да го завршиме пристапувањето во ЕУ до крајот на 2024 година“, рече Стефанишина.

Како што е наведено во германското издание, ваквото предвремено пристапување во Унијата би било најбрзо во историјата. Во минатото овој процес траел во просек девет години.

Според Стефанишина, Украина во оваа смисла „не е обичен кандидат за пристапување (во ЕУ)“, иако, според весникот, во Брисел „на тоа гледаат поинаку“.

„Скорешен почеток на преговорите (за пристап на Украина во ЕУ) е исклучително важен за моралот на Украинците, бидејќи ние со години се бориме да ѝ припаѓаме на Европа и во моментов ги ризикуваме нашите животи“, рече вицепремиерката, додавајќи дека Украина „ја работи својата домашна задача“ и веќе има спроведено значителен број реформи, како во областа на борбата со корупцијата и правдата.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, пак, изјави дека „не можат брзо да се спроведат сите седум реформи“ и оти е невозможно да се договори распоред за почеток на преговорите.

„Со оглед на обемната работа потребна за подготовка за учество на внатрешниот пазар на ЕУ и во многу други важни политички области, целата подготовка за пристапување веројатно ќе потрае повеќе од една или две години“, вели Вархеји.