Колку и на јавноста да и изгледа чудно, укинувањето на пресудата во случајот „Трезор“ е добра вест за правната држава! Имено, колку и да „се знае“ кои се „лошите“, вината мора да се докаже во кривичната постапка; инаку веднаш да ги бесиме!

Ова на Фејсбук го напиша Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет во Скопје, коментирајќи ја одлуката со која Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата на Кривичниот суд во Скопје за случајот „Трезор“.

Во текот на судењето, Калајџиев беше еден од ретките правни експерти кој јавно се огласи, изјавувајќи дека целиот случај „Трезор“ е базиран на претпоставки, во чие докажување Јавниот обвинител не отишол подалеку од таму каде што бил на почетокот.

Професорот тогаш рече дека не би сакал да биде на местото на обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Небојша Станковиќ, бидејќи Судот е под жесток притисок.