Угостителите се жалат дека Владата пак им приреди „ладен туш“

Владата одлучила да исплати нешто повеќе од половина од ветената помош во висина од 5,77 милиони евра на само 2.204 угостители од речиси 6.500 компании од угостителската дејност.

Истовремено тоа значи дека со вчерашната одлука на Владата извисија повеќе од 4.000 угостителски објекти со над 10.000 вработени, реагира Независната угостителска комора.

„И покрај укажувањата од страна на НУК за неправилноста и нелогичноста на јавниот повик за ветена и најавена финансиска помош со 6-от сет мерки, со вчерашната одлука на Влада, две третини од угостителските објекти добија дефинитивно ладен туш и останаа со празни сметки од очекуваната неповратна финансиска помоши и поддршка за надомест на штетите и загубите кои ги имаа поради забраната да работат со гости од 6 до 27 април 2021 година“, се наведува во реакцијата.

Од НУК прашуваат зошто Владата најавила и ветила 9.9 милиони евра за 6.000 угостители и 17.000 вработени, а создала услови и критериуми од кои ќе исплати на една третина нешто повеќе од половина од ветената помош.