Независната угостителска комора веднаш по објавувањето на одлуката од страна на Владата излезе со ставот дека истата е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

Во барањата до Владата потенцираат дека угостителските објекти се јавни достапни подеднакво на сите граѓани, домашни и странски гости и поголемиот дел од истите немаат услови да вршат деградација и селекција на имунизирани и неимунизирани гости.

„Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност или овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на имунизација со приложување потврда за извршена имунизација, медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар нема право никој друг да врши проверка или прибирање на оваа информација ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба“, потсетуваат од Комората на угостители.

Со оваа одлука, додаваат, неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на имунизирани и неимунизирани.