УЕФА забрани гостински навивачи на реваншот меѓу Левски и Шкупи во Софија

По сугестија од претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз, Борислав Михајлов, УЕФА забрани навивачи на Шкупи да присуствуваат на возвратниот натпревар од второто квалификациско коло за Лигата на конференциите на 3 август во Софија.

Поради тоа на стадионот „Георги Аспарухов“ нема да има посебен дел за навивачката група „шверцери“, а за да се спречи индивидуално присуство на македонски државјани дури и со платен билет, по налог на УЕФА, на влезот на стадионот ќе се врши проверка на личните документи.

Ваквите мерки за натпреварот од висок ризик се одговор на инцидентите пред и за време на првиот меч во Скопје, кога беа приведени 21 хулиган, од кои 19 од Бугарија, а две бугарски возила што залутаа во Чаир беа нападнати и еден од фановите на Левски притоа беше прободен со нож и сè уште е во болница.

И Шкупи изрично им порача на своите навивачи дека „патувањето до Софија не е дозволено“, по контактите со УЕФА, со македонското Министерство за внатрешни работи и со Левски.

Чаирчани во четвртокот на Националната арена „Тодор Проески“ загубија со 2:0.