УЕФА го казни Шкупи со 42.000 евра, а Левски со 40.000 за навивачките испади во Скопје

Шкупи доби парична глоба од 42.000 евра од УЕФА, а Левски е казнет со 40.000 за инцидентите што ги предизвикаа навивачите на двата клуба пред и за време на првиот натпревар од второто квалификациско коло за Лигата на конференциите минатиот четврток во Скопје.

Револтирано од ова, раководството на Шкупи ги нападна т.н. навивачи, нарекувајќи ги непријатели на клубот.

„Ние како клупска управа 4-5 години ги жртвуваме семејството, времето и сопствениот буџет за да го подигнеме ФК Шкупи едно ниво понапред. За подобро да се веат знамињата што ги претставува овој клуб.

Колку за оваа работа го жртвуваме времето, трудот, издржувањето на нашето семејство, т.н. навивачи си играат со иднината на овој клуб само за да направат свое шоу“, соопшти клубот од Чаир.

„Од утре ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството и до полицијата, да ги испитаме овие прашања, бидејќи тоа не е ништо друго освен предавство.

Од денес, без разлика дали луѓето кои вистински го сакаат ФК Шкупи се на наша страна или не, ние сме подготвени да се бориме со тоа. И покрај сите, секое неверство, секое предавство, ФК Шкупи ќе го достигне нивото што го посакуваме“, додаваат од таму, нагласувајќи дека само минатата година платиле 60.000 евра за казни поради однесувањето на навивачите.

Левски, пак, е казнет од УЕФА за „дискриминаторско однесување“ на неговите фанови во Скопје, односно за етнички скандирања и политички слогани, како и за екцеси во гостинскиот сектор.

Исто така, бугарскиот клуб доби забрана од УЕФА да има своја публика и да продава билети за следното гостување во Европа.