Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ до полициската станица „Центар“ достави известување дека на 15 март, сабота, ќе организира протестен марш и импровизирана училница во паркот „Жена борец“ во Скопје.

Собирот е закажан за 11 часот во Паркот на новинарите спроти Министерството за образование и наука, од каде што во 12 ч. ќе тргне маршот до Владата, каде што ќе биде прочитана изјава, а од таму ќе се продолжи до Собранието.

Од 14 ч. во паркот спроти законодавниот дом ќе биде поставена имрпвизирана училница, пред која ќе биде изложена книга со потписи за поддршка на иницијативата, а во „училницата“ ќе има 10-15 клупи, 20-30 столчиња и училишни реквизити (расипани компјутери, таблети, скинати учебници и оштетени дидактички материјали).

Импровизираната училница ќе остане до наредниот ден до 21 ч.

Мирниот протест и маршот се знак на протест со цел спречување на донесувањето на најавениот Закон за учебници и наставни материјали во основното и во средното образование, со кој се предвидува постапна целосна замена на печатените учебници со дигитални.

Зад граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ стојат 76 илјади членови на истоимената група на Фејсбук, составена од родители на ученици, наставници и други поддржувачи.