Убиените македонски Евреи добиваат џиновска калинка во Ерусалим

Израелската држава поставува спомен обележје во чест на над 7100 Евреи од Македонија кои во втората светска војна биле депортирани во нацистичките логори на смрта каде што умреле во страотни околности.

За разлика од бугарските Евреи кои не биле однесени во логорите на смртта, 99 проценти од македонските Евреи биле депортирани во Треблинка од територијата под окупација на бугарската фашистичка власт во Македонија од каде што не се вратил никој.

Во знак на сеќавање за нив одделот на израелското министерство за надворешни работи одговорен за Балканот во Ерусалим поставува спомен обележје.

“Оваа прекрасна џиновска калинка со врежани 280 имиња, наскоро ќе биде позиционирана на шеталиштето Шеровер во Ерусалим, во спомен на семејствата на македонските Евреи кои умреа за време на холокаустот”, се вели во информацијата од Израел.

Спомен обележјето за македонските Евреи се поставува во моменти кога се случува сериозна криза во односите меѓу Бугарија и Македонија во контекст на блокадата на Софија на Скопје за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Улогата на бугарските власти во депортација и уништувањето на македонските Евреи е едно од историските прашања кои се дел од спорот.

Бугарија не прифаќа историска одговорност за уништувањето на македонските Евреи во втората светска војна тврдејќи дека нацистичка Германија ја сноси целата вина за холокаустот и во Македонија.