Државјанин на Македонија на возраст од 56 години на почетокот на судењето во германскиот град Регенсбург призна дека минатата есен ја избодел до смрт својата сопруга поради љубомора, по што отишол в полиција и го пријавил злосторот, пишува весникот „Онец“.
На 8 октомври минатата година професионалниот готвач ѝ нанел десетина убодни рани на сопругата, убеден дека таа го изневерува, откако на нејзиниот мобилен телефон забележал повеќе повици од непознат број, за кој подоцна ќе се утврди дека се од нејзиниот брат?!
Убиецот со иницијал С., кој веќе 28 години живеел во Регенсбург во заеднички стан со сопругата и со трите возрасни деца и ѝ бил познат на полицијата поради семејно насилство, на денот на злосторството околу пладне повторно влегол во расправија со неа. Кавгата ескалирала, обвинетиот зел кујнски нож, ја избодел жената и ѝ ги повредил вратот и раката.
Според обвинението, жената се обидела да се одбрани, но паднала на подот, каде што мажот „сега со апсолутна волја да убие, ѝ нанел уште 12 убоди со нож во задниот или десниот дел на вратот“. „С. ги доживеал наводните контакти на неговата сопруга како срам што можел да го надмине само убивајќи ги“, се додава во обвинителниот акт.
Подоцна се покажало дека повиците што довеле до фаталната расправија биле во врска со новиот број на мобилен телефон на братот на жената. Тој само сакал да ја чуе својата сестра.
За време на расправијата, неговата сопруга му рекла дека го мрази од самиот почеток и оти бракот е најголемата грешка што ја направила. Таа фрлила цедалка со шпагети кон него, а тој изјави дека „можеби грубо ја допрел“. Имал впечаток дека таа посегнува по фиоката. Зел нож и ја прободел во вратот. Потоа има прекин во неговото сеќавање, објаснил С.
Кога се прибрал, ја видел неговата сопруга како лежи на подот облеана во крв. Тој сакал да се самоубие со мешавина од дрога што ја нашол дома, но не успеал во намерата.
По злосторството, самиот С. заминал во полиција за да се предаде. Во полициската станица обвинетиот се појавил крајно смирен и прибран – пријавиле четворица полицајци на шалтерот за сведоци. С. објаснил дека само што ја прободел сопругата – и дал прецизни информации.
„Зборуваше како некој да ми вели дека му го украле велосипедот“, рече една полицајка. Веднаш била испратена полициска патрола и ја пронашле безживотната жена на подот од кујната.
Семејната состојба била напната неколку недели пред злосторството. Во август, по насилниот напад врз неа, ќерката на С. го отстранила нејзиниот татко од станот. Дури откако роднините се обиделе да посредуваат, на С. му било дозволено повторно да се пресели во септември.
Обвинетиот на судењето го натерал неговиот адвокат да објасни дека тој сигурно го сноси најголемиот дел од вината за лошите односи со неговата сопруга и со децата. „Ќе беше подобро порано да се разделиме“, рекол тој.
Процесот ќе продолжи следниот понеделник.