„Убедливо мнозинство на етнички Македонци не го прифаќаат почеток на преговори со ЕУ, ако е услов за тоа прифаќањето на францускиот предлог, покажала анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС). Институтот спроведе кратко телефонско истражување во периодот меѓу 4 и 6 јули 2022 на 1.114 полнолетни испитаници на рамниште на цела Македонија. Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии, како и за одредени актуелни прашања.“ – објави весникот „Скопско ехо“.

„Скопско ехо“ пишува: „На прашањето, дали би прифатиле почеток на преговори со ЕУ, по цена Македонија да се согласи со т.н. француски предлог, 72.8 отсто од етничките Македонци опфатени со анкетата одговориле не. Од вкупниот број на испитаници, каде се содржани и одговорите од другите етнички заедници во Македонија, против францускиот предлог се изјасниле 56 отсто од испитаниците.“

„62.8 отсто од етничките Македонци сметаат дека новиот предлог е ист како претходниот, а 67 отсто од нив ги поддржуваат протестите кои во изминатите денови се одржуваат во Скопје, на кои демонстрантите бараат од Владата да го одбие предлогот.“