Твитерџија до Мекејлеб: Заслужуваш улица на твое име во секој македонски град, но никој не го цени тоа што го стори за нас

Најдобриот натурализиран кошаркарски репрезентативец на Македонија на сите времиња, Американецот Лестер Бо Мекејлеб, се пожали на Твитер дека американскиот универзитет Њу Орлеанс не му се оддолжил соодветно за петте години во кои како негов играч имаше просек од 20,9 поени на 129 натпревари, а во 2007 година беше прогласен за играч на годината во конференцијата Сан Белт.

„Навистина е лудо како може да сториш толку многу за својот универзитет и да не добиеш љубов за возврат… најдобар стрелец на сите времиња за училиштето во конференцијата Сан Белт… моето име е и на теренот во Уно, а сепак некој сè уште го носи бројот 1. Предолго молчев!!!“, твитна Мекејлеб.


„Заслужуваш име на улица и во секој македонски град, но сепак никој не го цени тоа што го направи за нас“, реагира македонски твитерџија под објавата на Бо.

Мекејлеб беше дел од најголемиот успех на кошаркарската репрезентација на Македонија – четвртото место на Европското првенство 2011 во Литванија, на кое беше избран во најдобрата петорка на шампионатот. Постигна и најмногу поени – вкупно 235, иако според просечниот број поени по натпревар пред него беше само Тони Паркер од Франција.