Твит на денот: На наплатната, освен патарина, ќе се плаќа и за жива музика

Популарниот лик од „К-15“, Миле Паника, на оригинален начин ја прокоментира информацијата дека вчерашното свечено пуштање во употреба на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица било придружено со жива музика и чочек во тунел.

„На наплатната, освен патарина, ќе се плаќа и за жива музика“, напиша тој на „Твитер“.

Министерство за транспорт и врски денеска се огради од веселбата.

„Во однос на информациите објавени по електронските медиуми и социјалните мрежи, а кои се однесуваат на некаква забава на делови на автопатот Демир Капија – Смоквица, сакаме да појасниме дека Министерството за транспорт и врски се оградува од секаква активност поврзана со овие информации. Исто така, сакаме да Ве информираме дека ниту Министерството за транспорт и врски, ниту друга државна институција, не е организатор на каква било забава“, соопшти Министерството што го води Горан Сугарески.

Миле Паника и на тоа има одговор.

„’Министерство за транспорт и врски се оградува од чочекот’. Боље им е да го оградат автопатот Тетово – Гостивар“, твитна тој.