ТВ од Македонија ќе го „покрива“ бугарскиот второлигаш од Симитли, се закани градоначалникот

Градоначалникот на Симитли и спонзор на новиот второлигаш Септември, Апостол Апостолов, му порача на Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) дека на стадионот нема да допушти камери на телевизијата што ги има правата за пренесување на натпреварите, заканувајќи се дека ќе преговара за тоа со ТВ од Македонија.

„Не може една екипа од Втора лига да добива 1.000 лева за еден меч, а нам струјата за осветлувањето, која треба да ја платиме за вечерен натпревар, да нè чини 2.000 лева. Никако нема да допуштам камери и започнувам преговори со северномакедонска телевизија за да ни ги пренесува мечевите. Уште еднаш сме разочарани од односот на БФС кон малите клубови. Ние им исплативме сè на фудбалерите, и покрај пандемијата. И во Шпанија, и во Англија, се поддржуваат малите клубови и тие добиваат сериозни пари, но не и во Бугарија“, изјави Апостолов, кој е и поранешен фудбалски судија, за Бугарската телеграфска агенција (БТА).

Ова не е првпат клубовите од Пиринска Македонија да ѝ се закануваат на „централата“ во Софија со западниот сосед. Пред две години навивачите на Пирин од Благоевград се обратија со молба до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за нивниот клуб да игра во македонската лига.