Бугарското национално радио (БНР) известува за откажана екскурзија во Македонија од туристи од Ќустендил поради „ситуацијата таму“ и „односот кон Бугарите“.

„Туристичкото друштво ‘Осогово’ – Ќустендил го откажа патувањето во Северна Македонија и Скопје поради тамошната ситуација и односот кон Бугарите, соопштија пријавените за групата.

Информацијата ја потврди и претседателот на друштвото, Христо Абаџиев, кој рече дека на еден дел од групата им се вратени парите, а друг дел заминал на разгледување на Кремиковскиот манастир и знаменитостите кај Софија.

Екскурзијата на туристичкото друштво беше откажана пред неколку дена по коментарите дека имало случаи на фрлање камења врз автобуси со бугарски туристи во Северна Македонија. До Крива Паланка се патувало мирно, но понатаму биле можни вакви инциденти.

Нема официјални информации за таков однос кон бугарските туристи, коментарите се меѓу нашите туроператори. Ќустендилчани кои имаат блиски, пријатели, роднини во Северна Македонија велат дека односот кон Бугарите со двојно државјанство не е добар – благо кажано“, се вели во прилогот на БНР.

Ова е вторпат во ист месец БНР да известува за непријатности со кои се соочиле Бугари во Македонија. Претходно, државното радио на Бугарија јави за поплаки од бугарски возачи, кои полицијата во Македонија ги сопирала и, наводно, ги прашувала дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец?!