„Бевме благословени со фактот што нашиот претседател повторно ќе не’ води“, рече 50-годишната Хатиџе Дуран, по синоќешната изборна победа која ќе му обезбеди уште 5 години власт на Таип Реџеп Ердоган.

„Нема друго чувство поголемо од ова. Нека светот го слушне ова. Тој е лидерот кој му пркоси на целиот свет и му одржа лекција на целиот свет“, вели неговата поддржувачка.


Тоа е и клучен дел од пораката од изборите: Ердоган е силен лидер, султан кој не се поклонува.

Пораката на изборите е дека многумина овде претпочитаат тврд лидер отколку фин господин каков што сакаше да се претстави неговиот противкандидат, Кемал Киличдароглу .

Ердоган „го прочита“ електоратот подобро од анкетарите и аналитичарите, кои сугерираа дека може да биде победен од опозицијата. Па, не овој пат, пишува Би-Би-Си.

Оваа стратешка нација на НАТО го избра својот пат, повеќето гласачи се определија за искусен автократ наместо непроверен демократ во лицето на Киличдароглу.

Опозицискиот лидер ја водеше својата кампања како „г-дин Фин дечко“, првично ветувајќи нова пролет за Турција. Подоцна скршна десно, ветувајќи дека ќе ги испрати сите бегалци дома. Тоа ја доби неговата дополнителна поддршка од националистите, но не доволно.

Турскиот исламистички лидер Ердоган има врска со своите следбеници која датира од пред 20 години. Многумина се религиозни конзервативци како него. Тие останаа со него давајќи му уште пет години.

Сега тој е одново охрабрен, а опозицијата во земјата е тешко притисната.Оние кои сакаа промени овде – речиси 48% од гласачите – се разочарани, а можеби и исплашени.

Многумина предвидуваат дека ќе има повеќе религија и помалку слобода во јавниот живот на оваа секуларна република, која во октомври ќе ја одбележи стогодишнината.

Турција сега е поделена нација со скршена економија. Критичарите велат дека претседателот нема решение ниту за едното, ниту за другото.

Изборниот резултат создава сомнеш и кај соседите на Турција и нејзините сојузници во НАТО? Тие ќе бидат внимателни, знаејќи дека претседателот Ердоган често се чини дека сака да го наруши воспоставениот меѓународен поредок.