Претседателските и парламентарните избори во Турција ќе се одржат на 14 мај, објави синоќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, еден месец порано од претходно предвиденото да се идржат на 18 јуни.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој планира да се кандидира за реизбор, го објави ова за време на вчерашната младинска конференција во северозападната провинција Бурса.
Доколку ниту еден кандидат не обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг на гласање ќе се одржи на 28 мај.
Опозицијата допрва треба да го именува противкандидатот кои би се соочил со актуелниот претседател.
Ердоган, кој беше на функција од 2003 година – прво како премиер, а потоа како претседател од 2014 година – се соочува со најголемиот тест во неговите две децении на чело на регионалната воена сила, членка на НАТО и голема пазарна економија во развој.
За претседател Ердоган првпат беше избран во 2014 година, а реизбран во 2018 година. Истата година, Ердоган (68) воведе систем на управување со кој ја укина функцијата премиер и ги концентрираше повеќето овластувања во рацете на претседателот. Пред тоа, претседателот имаше главно церемонијална функција.
Поддржувачите на Ердоган тврдат дека тој е избран во 2018 година за прв претседател во новиот претседателски систем по големите уставни измени, а според тоа, неговиот претходен мандат не се смета.
Опозицијата, пак, го обвинува Ердоган за економскиот пад на Турција и за уништување на граѓанските права и слободи велејќи дека ревидираниот систем претставува владеење на еден човек.
