Жител на Блаце, кој управувал возило „туарег“ со 17 мигранти од Сирија, со голема брзина удрил во семафор на крстосницата на улиците Климент Охридски и Братство Единство во Струмица.
Тој бегал од полицијата бидејќи во возилото превезувал илегални мигранти, меѓу кои 6 биле деца.
Видео од настанот на фејсбук го сподели порталот Дрнка.мк, а кое е снимено од безбедносна камера.
По несреќата, возачот избегал, а 17-те мигранти полека почнале да излегуваат од автомобилот, но набрзо биле приведени од полицијата.
„На 20.08.2023 во 20.00 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на крстосница од улиците „Климент Охридски“ и „Братство Единство“ во Струмица, едно лице управувајќи патничко возило „фолксваген туарег“ со возилото удрило во семафор, по што возачот на возилото побегнал од местото на настанот – соопшти МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатникот Н.Б. и уште едно лице мигрант, констатирани во Медицински центар Струмица, а увид на местото извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Струмица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат од МВР.
