Тројца тркачи за прв човек на „бастионот на албанштината“

Билал Касами, Сади Беџети и Теута Арифи се имињата кои се најсериозни учесници во трката за градоначалник на Тетово.

Во трката за престижната позиција градоначалник на Тетово, градот што Албанците во Македонија го сметаат како „бастион на албанштината“, веќе е познато дека ќе се вклучат тројца кандидати.

Вчера вечер лидерот на Движењето БЕСА Билал Касами соопшти во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 дека тој ќе биде кандидат за прв човек на градот под Шара на неговата партија на локалните избори во октомври годинава.

„Во 2017 година на локалните избори за градоначалник на Тетово ни беше украдена победата. Затоа, сега повторно се кандидирам, за да им ја вратиме таа победа на Тетовчани“ – рече Касами. Тој не уточни на кои „тетовчани“ би им ја вратил таа победа: дали само на Албанците, или можеби на сите што живеат во овој град.

На почетокот на минатиот месец универзитетскиот професор Сади Беџети најави дека повторно влегува во трката за градоначалник на Тетово како кандидат на ДПА.

„Корумпираната и неефикасна општина, како и многубројните бирократски пречки им дојдоа на тетовчани до носот. Во целосен недостиг на транспарентност и отчетност граѓаните останаа без никаква отворена врата. Ова ги отежнува нашите животи.“ – рече при неговата промоција Беџети, кој од 2009 до 2013 година беше прв човек на Тетово.

Во 2013 година тој загуби на локалните избори од Теута Арифи, која е градоначалничка на Тетово веќе два мандати по ред.

Арифи, која е и потпретседателка на ДУИ, пред крајот на годинашниов април, исто така во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, кажа дека би прифатила и трета кандидатура за функцијата што ја извршува моментно: „Партијата (ДУИ) има свои политики за мерење и анализа што треба да ја направи. Одлучува за кандидатот. Ако партијата процени дека најдобриот кандидат за Тетово сум јас, тогаш тоа ќе бидам јас, ако евалуацијата ќе биде поинаква, тогаш ќе биде поинаку“. Можеби како вовед во својата нова извесна градоначалничка кандидатура Арифи даде ветување дека „до крајот на овој нејзин постоен мандат ќе бидат изградени подземните паркинзи во Тетово.“

Лидерот на БЕСА Касам Билали вчера, промовирајќи дека ќе се натпреварува на изборите за градоначалник на овој град, рече и дека БЕСА на локалните избори ќе оди сама. Но, тој не исклучи и соработка со сите партии, освен со ВМРО-ДПМНЕ. „За нив вратата е затворена“ – истакна Касами.

Претходно лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски порача дека за албанските партии, кои претендираат да победат во општините со мнозинско албанско население, за да ја добијат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, „ќе треба да ги почитуваат Македонците и другите помали заедници и тоа ќе треба да го покажат на дело“.

Мицкоски истакна за да го покажат тоа, со идниот коалиционен партнер најмалку што можат да се договорат е претседавачот на општинскиот Совет да биде од вториот по големина етникум, односно да биде Македонец. А да го видиме тоа на дело, на пример, во Тетово или во Гостивар, да биде Македонец“ – нагласи лидерот на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.

Најчитано

Непотребни нервози кај јунаците пред историскиот настан https://www.expres.mk/ostavete-ne-namira-da-igrame-za-makedonija-koj-reprezentativci-barale-sredba-so-premierot/