Првиот македонски рекет Калин Ивановски го освои тенискиот турнир во Мадрид, на тврда подлога и со награден фонд од 15.000 американски долари, откако во финалето славеше со 6-4, 6-2 над четвртиот носител Марк Вајтхаус од Велика Британија, 577. на АТП-листата во сингл.

На петтиот носител од Македонија, 627. во светот во поединечна конкуренција, му беа потребни 70 минути за третиот трофеј годинава по Хераклион во Грција и Монастир во Тунис, и двата исто така на тврда подлога и со награден фонд од 15.000 долари.

На патот до титулата 18-годишниот четвртфиналист на јуниорскиот Вимблдон ги совлада и Русинот Марат Шарипов (836.) со 6-4, 7-5, Италијанецот Федерико Бондиоли (1315.) со 6-3, 6-4, Мексиканецот Фернандо Рубио (862.) со 6-4, 6-1 и во полуфиналето Холанѓанецот Сидане Понтјодикромо (689.) со 6-4, 1-6, 7-5.