Промената на Уставот, како ултиматум на Бугарија, целосно поддржан и од Унијата, иако непринципиелно, срамно и без никаква објективна основа, станува главна преокупација на Македонија. И, наместо да се прават длабински анализи што значи тоа и каде води, кај нас сѐ се сведува на партиски надмудрувања. Наместо да се елаборира што е за, а што против промена на Уставот, само за да ја задржи власта, позицијата шири лаги и манипулации, коишто не ѝ служат на чест. Предизвикот, меѓутоа, не е само за политичарите, туку и за сите аналитичари, бидејќи прашањето е исклучително важно. Кога ќе се навлезе во материјата, доминираат аргументите против коишто потврдуваат дека, сега, Уставот не смее да се менува по никаква цена.

Прво. Клучно е што барањето на Софија нема никаква формална основа, туку се работи за нивни налудничави политички калкулации во однос на карактерот на оваа држава. Нивната замисла е Македонија, со текот на времето и со потезите кои тие (ќе) ги прават, од македонска да стане (втора!) бугарска. Според нивната добро разработена шема и стратегија, Бугарите во нашиот Устав го отвораат тој пат.

Вториот аргумент е што во Македонија, според последниот попис, има само 3.504 Бугари. Досега, толкава ракатка луѓе нема влезено во ниту еден устав во светот. Ако веќе мораме, бидејќи барањето ни е подметнато од ЕУ, со блокада и уцена, би било ред во Уставот да ги наведеме сите тие, 3.504 – со име и презиме!? Нели, не се многу? Паралелно, Уставот ќе ни биде и именик за Бугарите.

Трето. За ваков бесрамен обид, нема никаков повод ниту во капитулантскиот и предавнички договор за (не)пријателство со Бугарија, ниту во било каков документ на Унијата, било за проширувањето, било за нешто друго.

Четвртиот доказ е што е ова чиста измислица и манипулација на бугарскиот претседател Радев, чијшто национал-шовинизам кон Македонија е видлив и за тие што не сакаат да го забележат. По неуспехот, со нивниот фашизам да ја добијат Македонија во Втората светска војна, целта е да се остварат нивните ментално девијантни историски синдроми, присутни веќе преку 150 години, дека ние сме – „Бугари“.

Петтата причина е што оваа уцена се појави како алтернатива, откако не беше прифатено инсистирањето на забеганите бугарски политичари, дека ние сме измислена нација, којашто има бугарски корени. Тоа беше тешка инсинуација, широко обработена во нивниот грозоморен “објаснувачки меморандум“, којшто нивното МНР го достави до целиот свет. Според меморандумот, ако сакаме во ЕУ, ние мораме да се согласиме дека нашите родители и дедовци биле „Бугари“. Нивната будалштина не наиде на одобрување, и тие ја свртеа страницата. Сфатија дека ја утна работата и почнаа да играат на карта на човековите права. Така се роди уцената за Уставот, којашто не постоеше пред тоа.

Шесто, најдобар показ за намерите на Софија е фактот дека не бара малцинство туку, конститутивен народ: Бугарите да влезат во преамбулата на Уставот. Тоа кажува сѐ. Пред десетина години, тие сакаа да се регистрира нивно малцинство во земјава, ама бргу се сепнаа. Сфатија дека ако веќе ние сме „Бугари“, не може да има и бугарско малцинство. Не оди заедно, нели? Сега ја исправаат својата малоумност и одат на сигурно – сите сме „Бугари“. Некои недоквакани „наши аналитичари“, пак, тврдат дека, со Бугари во Уставот, по автоматизам значи дека Софија ги признава Македонците. Тоа е плиткоумно. Овие не разбираат кај е проблемот.

Седмо, и главно: потегот е апсолутно едностран. Нема никаква бугарска обврска, освен да не го блокира почетокот на преговорите, што нема суштинско значење. Ако прифатиме промена на Уставот, веќе утредента Софија ќе може и сигурно ќе започне со нови уцени и блокади. Промената на Уставот за нив е само испробување на мускулите.

Целата колумна на Ристо Никовски на следниот линк:
https://plusinfo.mk/trinaeset-prichini-zoshto-ne-smee-da-se-menuva-ustavot/