Слави Трифонов, лидер на партијата Има таков народ, за бугарското радио Дарик ја посочи Македонија како главна причина зошто решил неговите министри да ја напуштат Владата на Кирил Петков.

„Ја напуштив Владата поради Македонија! Македонијааа! Нарушен коалициски договор“, извика шоуменот по час и половина интервју во кое водителот упорно му го поставуваше истото прашање.


„Македонија е многу силна емотивна кауза за сите Бугари. Тоа е кауза што ги гризе историјата и современоста на Бугарија“, додаде тој.

„Ние први ја признавме Македонија како држава. Им дадовме тенкови, секогаш сме се однесувале кон нив како кон наш брат. Бугарите отсекогаш имале огромно прекрасно чувство кон нив. Над 100.000 од нив имаат бугарски пасоши, а на пописот се 3.000. Зошто се плашат да се наречат Бугари“, праша Трифонов.

„Сум зборувал со овие луѓе таму, тие се подложени на стрес. Додека Македонија не ги запише Бугарите во Уставот и не го спаси Договорот од 2017 година, ако зависи од мене, нема да почне преговори за членство во ЕУ“, порача тој.

„Кирил Петков води двојна политика во однос на Северна Македонија и во тоа сум убеден“, категоричен е Трифонов.