Лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, на својот фејсбук-профил ги коментира зборовите на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој во интервју за „Сител“ деновиве изјави дека „Исходот од преговорите со Бугарија заврши со 3 спрема 1 за нас.
Го зачувавме јазикот, ги започнавме преговорите за членство во ЕУ и ги оставивме историските прашања надвор од патоказот. Бугарија доби промена на Уставот некаде на средината на процесот – по почетокот на преговорите. Поради тоа сметам дека тоа беше добар компромис’“.
Според Трифонов, поради тоа, паднала владата на Кирил Петков.
„За овој резултат – 3:1 за Северна Македонија во бугарскиот парламент гласаа ‘Продолжуваме со промената’, ГЕРБ, ДПС, ‘Демократска Бугарија’, а БСП беа воздржани. ‘Има таков народ’ гласаше ‘против’“, пишува Трифонов на Фејсбук.
„Не заборавајте дека исмејувањето на бугарската историја и меморија и одбивањето веднаш да се заштитат правата на Бугарите во Северна Македонија, а не некаде во далечна иднина, е една од причините поради која падна владата на Кирил Петков“, вели Трифонов чија партија „Има таков народ“, најверојатно нема да го помине цензусот од 4% за да влезе во следниот бугарски парламент.