Трифонов: Има разлика меѓу нас и Грците – тие ги натераа Македонците да си ја прекрстат државата, а ние ги пуштивме кон ЕУ

Несудениот бугарски премиер Слави Трифонов, лидер на партијата Има таков народ, по Македонија ѝ се нафрли и на Грција за именувањето на 18 улици по византискиот цар Василиј Втори, наречен Бугароубиецот, како што вели тој, за на крајот да заклучи дека имало разлика меѓу Бугарите и Грците во односот кон Македонците?!

„Дали знаете што значи ‘Калојан’? Едно од најубавите имиња, еден од најхрабрите мажи, толку важен за бугарската историја – Цар Калојан. ‘Калојан’ доаѓа од грчки и значи ‘убавиот Иван’. ‘Кало’ – убав и ‘јан’ – Иван. Затоа што царот Калојан бил висок, крупен маж, убав и оттаму – Калојан. Сигурен сум дека многу Бугари гордо го носат ова име – Иван Убавиот.

Цар Калојан… Многу улици во Бугарија, училишта и други згради и институции се именувани по Цар Калојан.

А дали знаете што значи ‘Скилојан’? Тоа значи ‘Иван Ѕверот’ или ‘Кучето Иван’, затоа што така го нарекувале Грците, поточно Византијците. Оти ​​ги колел, дерел и обескостувал во буквална смисла и многу се плашеле од него.

Дали знаете што значи ‘Василиј Втори Вулгароктонос’? Можеби некои од вас се сетија – тоа значи ‘Василиј Втори бугароубиец’. Тој ги ослепил војниците на Цар Самуил. Илјадници. На секои 100, по еден со едно око за да ги води. Можете ли воопшто да ја замислите оваа неопислива, монструозна и нечовечка сцена според својата жестина? Како некои луѓе со загреани железни прачки ослепуваат човек по човек.

Не можам да замислам. Затоа што ми се чини нечовечно. Поради ова пеколно ‘херојство’ Василиј Втори го нарекувале ‘Бугароубиец’.

И зошто ви го кажувам сето ова? Затоа што 8 улици во Атина и 10 улици во Северна Грција се нарекуваат ‘Василиј Втори Бугароубиец’. ‘Каде живееш, бе, малака?’ ‘На ‘Василиј Втори Бугароубиец 35’. Колку апсурдно, апстрактно и лудо звучи, но тоа е факт.

Толку многу Бугари одат во Грција. Дојде ли празник или лето, бугарско-грчката граница не може да се помине. Десетици илјади Бугари одат во Грција, затоа што е кул во Грција.

И јас сум бил многу пати во Грција, но денес дознав за овие улици. 18 улици. 10 во Северна Грција и 8 во Атина се наречени ‘Василиј Втори Бугароубиец’. Значи, Грците се гордеат. Нема проблем да ни ги земат парите како туристи и нема проблем да си ги именуваат улиците по личноста со прекар ‘Бугароубиец’.

И што сега, да почнеме да си ги именуваме улиците ‘Цар Скилојан’, бугарскиот цар кој ги колел и дерел Грците во буквална смисла?

‘Каде живееш, бе, Пешо?’ ‘Ами на улица ‘Цар Скилојан’ 35′. Даа… големи патриоти сме. Оваа информација тешко дека ќе ја смени мешаницата од луѓе на бугарско-грчката граница, кои ќе одат да јадат ѕаѕики во Грција. И нема апсолутно никакво значење како се викаат улиците.

Така што, ако ги погледнеме фактите, има разлика меѓу нас и Грците. Тие ги натераа Македонците да си ја прекрстат својата држава од Македонија во Северна Македонија, а ние ги пуштивме да се кандидираат во Европската унија, иако секојдневно нè пцујат, навредуваат и злоставуваат на секаков начин. Затоа што сме патриоти. Посебно на маса кога јадеме ѕаѕики.

‘Ти ли, бе, Слави Трифонов, ти ли си најголемиот патриот? Не ми зборувај за историјата, туку кажи ми зошто ја урна Владата’ Упс, се збркав, тоа треба да е првиот коментар под она што го напишав“, стои во објавата на Фејсбук на еден од најгласните антимакедонци во Бугарија.