Триесетина Руси заглавени во Македонија поради затворените граници

Околу 30 државјани на Русија не можат да ја напуштат Македонија и да се вратат дома поради затворените граници среде пандемијата од коронавирус, пишува рускиот весник „Комерсант“.

Меѓу нив се Анастасија Карпова и Александар Димов од Москва, кои пристигнале во Македонија на 15 март преку Србија, а требало да се вратат на 25 март. Ден по почетокот на нивниот одмор, српските граници беа затворени, а неколку дена подоцна и Македонија се затвори, па немаше шанса да се вратат дома.

„Затекнати сме тука, како што слушнавме, околу 30 Руси. И ние и дипломатите разбираме дека нема да има авионски лет за 30 луѓе. Според официјалните податоци, на 15 март во Македонија имало 19 заразени. Тоа го дознавме по пристигнувањето од локалните вести. Во Охрид, град 170 км од главниот град, каде што престојувавме од почетокот, и сега има само четворица заразени во целиот град. Во главниот град, се разбира, повеќе. Но, уште по првите денови по затворањето на границата, амбасадата им препорача на сите Руси што се наоѓаат во Македонија да дојдат во Скопје. Ние ги следевме советите и успеавме фактички со последниот автобус од Охрид“, раскажуваат Анастасија и Александар.

„Се надевавме дека Амбасадата ќе успее, како што беше планирано, да нè пренесе во друга земја, од каде што имаше повеќе шанси да се полета, но границите беа затворени порано. Сега, најверојатно, треба да почекаме за отворање на границите. Покрај тоа, тешко е да се движите низ целата земја, па дури и во градот поради полицискиот час. Правилата се затегнуваат цело време. Полицискиот час во работните денови почнуваше во девет часот навечер, сега во четири часот попладне. Не можете да излезете воопшто за време на викендите“, нагласуваат тие.

„Животот во Охрид беше поевтин отколку во Скопје. Мораме да штедиме на сè. Навистина се надевавме на финансиска помош, напишавме изјава на вебстраницата за јавни услуги (на Министерството за дигитален развој, телекомуникации и масмедиуми – н.з.), но помошта никогаш не дојде“, се жалат двајцата руски туристи.

„На работа, морав да земам неплатен одмор. Колку ќе трае оваа состојба, никој не знае. Дипломатите престанаа да одговараат на прашањата. Очигледно, нема што да се каже“, вели едниот од нив во написот на „Комерсант“ насловен „Зарем ние не сме граѓани на Русија?“.