Триесет години (не)зависност – Пишува Роберт Димитриевски

Како да беше вчера. Сплет на среќни околности ѝ ги овозможи и на мојата маленкост честа и привилегијата да присуствува на испишувањето на историјата. Благодарејќи на потврдата за запишан факултет и на двата дена за божем дадена крв што на своја рака ми ги впиша капетанот во воената книшка, поитав од Ниш за да бидам дел од големиот ден за Македонија. Енормно количество гордост и радост можеа да се прочитаат во очите на илјадниците среќници натискани околу мене на плоштадот „Македонија“ додека се читаа резултатите од референдумот. Насмеани лица, по некоја солза радосница и развеани македонски знамиња ја дочекаа објавата за успешното народно изјаснување за независна и суверена Република Македонија.

Никој од тие сведоци на кристално чисто изразената волја на 96,46 проценти што заокружија „да“ за одделување од СФРЈ од излезените две третини или 75,76 отсто од полнолетните граѓани со право на глас не беше свесен низ што сè ќе помине македонската држава во трите децении потоа. Макотрпна борба за признавање на самостојноста, блокада од Грција, вклучувајќи и економска, „привремена“ референца за членство во Обединетите нации, промена на знамето, мафијашка приватизација на општествениот капитал, девалвација на денарот, над 300 илјади косовски бегалци по бомбардирањето на северниот сосед од НАТО, војна со ОНА, Рамковен договор, територијална поделба со етноинженеринг…

Згора на сè – како да беа малку набројаните премрежиња – промена на името на државата заради влез во НАТО, наспроти јасно изразениот став на народот со двотретинскиот бојкот на пропаднатиот референдум од 30 септември, двојазичност на целата територија на земјата како дел од Тиранската платформа, кабадахиско раскрчмување на две милијарди евра зајмени за надминување на коронакризата, бугарско вето за старт на преговори со Европската унија, судство отворено како пупка, криминал и корупција на сите страни, светски рекордери по смртност од Ковид-19…

Ова дефинитивно не е тоа за кое мечтаевме пред 30 години, кога со растреперени срца и полни со надеж за поубава иднина се определивме за раздружување од југословенските републики и за самостоен пат како народ и држава. Имаше во оваа временска отсечка и мигови на радост, спортски успеси и културни дострели за восхит, но не доволно за покривање на генерално мачниот впечаток за тоа „шчо напраифме“. За надминување на преовладувачкото чувство на пониженост, на бесперспективност, на постојано исчекување и зависност од нечија (добра) волја наспроти прокламираната независност. Заради мир в куќа, заради евроатлантска интеграција, заради добрососедство и што уште не.

На Македонија очајно ѝ е потребен целосен ресет. Нов почеток. Нова енергија и ентузијазам како за време на осамостојувањето. Разбудено чувство на припадност кон ова парче земја, патриотизам, одговорност и грижа за заедничкиот дом. Барем еднаш секој да се праша што направил или ќе направи за татковината, наместо да прашува што сторила таа за него, додека бара изговор за сопствените неуспеси.

Независноста, државноста, слободата, не се стекнати еднаш засекогаш, ами бараат исполнување со содржина катаден. Борбата за Македонија никогаш не запира. Нема белки да чекаме уште 30 години за да проникнеме во суштината на стиховите од „Бисер балкански“ што велат дека „само една има вистина, има една Македонија, делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“?