Битолчанецот Шенол Мемиш е претседател на Македонско-турското здружение ”Мустафа Кемал Ататурк”, автор на тријазичната монографија за Битола ”Мојот град”, долгогодишен радио и тв новинар, но и музичар кој активно твори и настапува.

Годинава, во рамките на Битолското културно лето ”Бит Фест 2022”, ќе биде промовирано неговото јубилејно ЦД, ”ШЕНОЛ: 1992 – 2022”, на кое ќе се најдат десеттина песни снимени последниве три децении.

”Мојата прва песна ”Збогум мила” е снимена во студиото на Миодраг Нечак Микс во далечната 1992 година, а почетокот од оваа година, заедно со Драган Романски, како ”Дуо Аманет Битола”, во студиото на Сашо Паркет, фронтменот на ”Паркети”, ја снимивме песната ”Добро утро, убав ден”, најновата песна во која се појавувам како главен вокал. До сега, во овие триесет години, имам снимено дваесеттина песни и издадено 2 аудио касети. На ЦД-то, кое е всушност мој јубилеен албум, ќе бидат објавени најуспешните десеттина од двете аудио касети, како и две песни, како член на ”Дуо Аманет Битола”, појаснува Шенол.

Тој е благодарен на сите кои, во оваа економска криза, финансиски го помогнаа овој проект. Како што самиот вели, негова цел е повозрасните да ги потсети на неговите песни, додека пак пред помладата генерација да презентира еден вид на поп – рок музика која за жал, пред налетот на новите стилови, ја има се помалку.

Тој е гласен поборник за форсирање на македонска забавна и народна музика на македонските медиуми.

”Во Македонија нема македонски музички ТВ Канал. На националните и локалните ТВ куќи ретко се емитува македонска музика. Во забавните емисии, место наши пејачи и групи, се канат тие од бившите ју републики. Порталите, со мали исклучоци, објавуваат многу малку вести за македонската музича сцена. Бројот на фестивали во Македонија е многу намален. Се помалку се издаваат албуми на македонски јазик. Има радио станици, кои иако се обврзани со закон, сепак не емитуваат македонска музика”, резимира нашиот соговорник кој е сепак оптимист дека македонската музика ќе опстојува на овие простори, но и меѓи дијаспората.

Издавач на новиот албум на Шенол Мемиш е ”Сенатор” од Битола.