Три години „Преспански“ и „идентитетско обезличување“ на македонскиот народ – пишува Свето Тоевски

„Преспанскиот договор“ договор и Договорот за „добрососедство“ со Бугарија се директно продолжение на „Букурешкиот договор“ од 1913 година, со кој не само што беше распарчена и приграбена дотогаш компактната етнојазична територија на македонскиот народ, туку и беше распарчено живото ткиво на македонскиот народ: тој се раздели на делови, кои денес живеат како непризнати и обесправени национални малцинства во Грција и Бугарија.

Научниот советник во Институтот за национална историја Билјана Ристовска – Јосифовска во својот научен труд „Македонскиот идентитет и историските проучувања“, потпирајќи се и на согледувањата на Блаже Ристовски, ќе аргументира: „Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос (Ristovski 1999) се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои подеднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата.
Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја.“

„Преспанскиот договор“ е во најдиректна смисла „идентитетско обезличување“ на македонскиот народ, бидејќи со него е одземено исконското име „Македонија“, со кое се именуваат Македонците уште од антиката. Грците никогаш немале ништо заедничко со етнонимот „Македонија“, ниту себеси како етнос се нарекувале така. Светски признатиот научник – Јуџин Борза, како специјалист за античка Македонија и за соодносот меѓу Македонците и Грците, секогаш со факти аргументирал дека тие се различни како народи со свои различни етноними – имиња.

„Јасно е дека секој обид да се зборува за хеленската етничка припадност на античките Македонци се појавува како поддршка за хеленското тврдење за современа Македонија. … И Херодот и Тукидид ги опишуваат Македонците како странци, различен, посебен народ што живее надвор од границите на грчките градови-држави. … Грците и Македонците задржаа непоколеблива антипатија едни кон други.“

Со својава констатација за заемните односи на Македонците и Грците уште од времињата на антиката Борза само се надоврза кон ставовите на еден од втемелувачите на современиот македонизам – Крсте Петков Мисирков, кој во својата статија „Самоопределението на Македонците“, објавена во 1925 година, 12 години по распарчувањето на етничка Македонија, изнесува погледи кои фрлаат светлина и врз денешните македонско – грчки корелации: „Македонија денеска е распокината, Грците успеаја да и’ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски дошлаци… Грците …се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. …само Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта…“

Од науката и минатите времиња се префрламе на денешнината и современата геополитика: Грците успеаја да се вклопат во новата американска надворешно – политичка концепција и во реализирањето на новиот „Стратегиски концепт“ на НАТО. Во оваа смисла еве што објави Бирото за политичко – воени прашања на американското Министерство за надворешни работи – Стејт Департментот во своето соопштение под наслов „Американската безбедносна соработка со Грција“ на 25.3.2021 година: „САД се горди што прославуваат 200 години пријателство со Грција. Ги одбележуваме заедничките вредности, кои ги обединуваат нашите земји. Грција е близок партнер и НАТО – сојузник, со кои САД споделуваат длабоко и трајно партнерство. Посветеноста на Грција кон НАТО – Алијансата и нејзината улога на крстосницата на Западниот Балкан, Северна Африка и Средниот Исток и на југоисточното крило на НАТО ја прават особено важен стратегиски сојузник.“
Благодарејќи на својата нова геостратегиска важност и позиционираност, Грција конечно доби можност и успеа во тоа да ја елиминира Република Македонија како свој сосед и на нејзино место да ја „инсталира“ „Северна Македонија“ согласно со „Преспанскиот договор“, а севкупното античкомакедонско историско и културно наследство да го приграби како свое, иако нема никаква поврзаност со него.

Денес кога се „одбележуваат“ три години од „Преспанскиот договор“ пред Македонците останува прашањето: дали и кога ќе можат, но и дали воопшто ќе успеат да и објаснат на меѓународната заедница дека овој договор е спротивен на нивните најдлабоки национални и државни интереси, но, без да се конфронтираат со стратегиските планирања на САД и НАТО? Да објаснат и да докажат дека со тој договор им се одзема најосновното човеково право да бидат тоа што се и што биле отсекогаш – Македонци? Оти за нив е неприфатлив „северномакедонскиот идентитет“, наметнат со „Преспанскиот“?