Трговскиот дефицит на Македонија, односно народски кажано дупката или кусокот во трговската размена со странство, изнесува 3,45 милијарди евра покажуваат официјалните податоци кои се достапни на веб страницата на државниот Завод за статистика за првите 11 месеци во 2022 година.

Тоа значи дека стоките што сме ги купиле од увоз вредат 3,45 милијарди евра повеќе од стоките што нашата економија ги продала на своите трговски партнери во светот. Толку тежи каменот околувратник на нашата национална валута – денарот кој се брани од овој дебаланс на неколку начини. Прво, преку девизите што во земјава ги пласираат нашите гастарбајтери кои ги носат директно во кеш или ги праќаат преку популарните „девизни дознаки“. Втората брана на одбрана на девизниот курс на денарот се услугите кои ги плаќаат странци за наши работници и тоа најчесто е продажба на памет (пред се програмерски услуги). И генерално третиот и последен бедем на одбраната на курсот на денарот е Народната банка и нејзините интервенции на девизниот пазар, преку државните девизни резерви.


Каде извезуваме и што продаваме на светот?

Убедливо најголем трговски партнер на Македонија останува Германија. Најсилната и најголема европска економија голта 45 отсто од целиот македонски извоз. Во бројки тоа за првите 11 месеци лани изнесува 3,4 милијарди евра.

Вкупниот извоз од Македонија вреди 7,65 милијарди евра, а увозот изнесува 11,1 милијарди евра.

Втор по големина извозен партнер е соседна Бугарија со која за разлика од политичките односи ни цветаат економските врски. Нашите пласмани таму изнесуваат 383,3 милиони евра за овој период. Следна на листата е Србија која е за нијанса пред Косово. Во поголемиот северен сосед пласираме 355,6 милиони евра, а во помалиот 348 милиони евра. Во петте најголеми е и Грција со 291 милиони евра.

Од асортиманот во извоз најмногу продаваме од големиот корпус кој статистичарите го нарекуваат хемиски и сродни производи. Извозот на оваа група изнесува 2,6 милијарди евра, а следуваат машините и транспортните средства чиј увоз вреди 1,75 милијарди евра. Извозот на храна и добиток донел 417 милиони евра, а реекспортот на фосилни горива вреди 329 милиони евра.

Од каде увезуваме?

Велика Британија и понатаму е најголем увозник во Македонија и тоа е во огромна мерка заради потребите на „Џонсон Мети“ најголемата компанија во земјава. Пред се станува збор за платина која се користи за потребите за изработка на катализатори – автомобилски делови.

Грција е втор најголем увозник во Македонија и од југ стигаат стоки вредни 1,25 милијарди евра, а во значајна мерка се фосилни горива. Германија е трета на листата најголеми увозници со реализација од 938 милиони евра за 11 месеци. Следна е Кина со 871 милиони евра пред Турција со 705,6 милиони евра.

Од корпусите стоки најмногу увезуваме машини и транспортни средства. Нивната вредност за 11 месеци изнесува 2,1 милијарди евра.

Извор: Фактор.мк