Жестока осуда од сите страни и барања за драконска казна, па дури и исфрлање на Бугарија од квалификациите за Европското првенство во фудбал, по изливите на расизам и нацизам на натпреварот со Англија во Софија.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов „силно го осуди“ однесувањето на навивачите, вклучувајќи нацистичко салутирање и мајмунски извици, а побара и оставка од претседателот на Бугарски фудбалски сојуз, Борислав Михајлов.
Некогашниот голман со 102 настапи за репрезентација пред средбата се пожали до УЕФА за „неправедно жигосување“ откако најавите за мечот беа засенети со стравувања дека англиските фудбалери би можеле да бидат цел на расистички навреди.
Опишувајќи ја Бугарија како „една од најтолерантните земји во светот“, Борисов изјави дека е „неприфатливо“ луѓето таму да се поврзуваат со расизам и ксенофобија.
Натпреварот што Англија го доби со 6:0 два пати беше прекинат поради расистичко однесување на домашните навивачи.
Британската влада ѝ се обрати на УЕФА со барање за дополнителни мерки, а премиерот Борис Џонсон рече дека ги видел „грдите снимки“ и порача оти „не им е местото во фудбалот или каде и да е на друго место“.
Телото за борба против дискриминацијата ФАРЕ, пак, ја повика УЕФА да ја исфрли Бугарија од квалификациите за ЕП 2020.
Стадионот „Васил Левски“ веќе беше делумно затворан поради расистичко однесување на бугарските навивачи на квалификациските дуели со Косово и со Чешка.