Еден погрешен потег не дели од нуклеарен холокауст, панично предупредува генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш. Еден! Оваа вест кај нас помина, така, колку да се каже дека е објавена, со оглед дека ние сепак примарно се забавуваме со срамните дејства што во континуитет, без запирање и одмор, ни ги сервира и сервисира власта во „нашата земја“. И додека ние црвенеевме од срам поради нив, светот црнееше од страв поради еден лет на американски воен авион во Јужна Азија. Еден, во основа небитен лет. Можеби шефицата на Конгресот Ненси Пелоси и не мораше да го замоли пилотот да сврти кон Тајван, можеби токму и баш требаше во зависност од тоа какви се вашите политички погледи и афинитети, но тоа движење на ер-форс-от на американската воена авијација лесно можеше да стане оној „погрешен потег“ за кој зборуваше Гутереш пред загрижените погледи и свиснати носеви на неговите соработници во Њујорк. Прилично глупаво зарем не?

Впрочем тоа не би било првпат. Првата светска војна започна кога српскиот идеалист Гаврило Принцип го насочи својот пиштол кон автомобилот со кој австрискиот престолонаследник и неговата сопруга вртеа романтични кругови по сараевските улици. Втората светска војна поводот си го најде во фингираното заземање на една погранична радио станица во безимено германско гратче од страна на „полски војници“, а реално германски затвореници за таа прилика пресоблечени во полски униформи и таму на лице место стрелани. Да, поводот е лесно да се најде. Ако не летот на Пелоси, може да биде некоја нова нервоза на граничниот премин Јариње, или случајна граната надвор од границите на Украина, или запирање на некаков воз со железо упатен кон Калининград, или некаков инцидент повторно во Сараево, на Курилите, во Техеран, Мадрид или Багдад. Бидејќи поводот секогаш е глупост, битна е причината. А причината, тоа го пишува во сите пристојни историски читанки и за двете досегашни светски војни била „непомирливите разлики меѓу големите капиталистички сили“, милитаризмот, потребата од промена на светскиот поредок и прераспределба на моќта.

Сите состојки за оваа манџа ги имате на менито и денеска исто како и пред 80 односно 110 години. Министри кои не разговараат меѓу себе на големите меѓународни конференции, претседатели кои јавно си упатуваат навреди и закани, санкции, контра-санкции, блокади, судења, воени вежби со чудовишни пропорции, медиумска хистерија, лудаци на власт. И не сум сигурен дали сме во 1912, 1913 или веќе длабоко во 1914 година. Дали ги живееме 1937 и 1938 или веќе се приближува први септемеври 1939 година, иако на календарот пред мене стои шести август 2022 година. Како рационален човек некако упорно се убедувам себеси дека сепак нема да се премине линијата и дека и натаму на клучни позиции се разумни типови кои нема да дозволат уништување на планетата под никакви околности, но не можам да кажам дека не ми е страв кога гледам како историските грешки толку идиотски ни се повторуваат во „најцивилизраното доба досега“.

А каде сме ние во целата каша?

Малите држави и нации немаат многу шанси во критични времиња како сегашните. Ако дојде до голем судир никој нема ниту да не праша нешто, ниту пак ќе зависи што и да е од нашите потези и чекори. Но да не одиме толку песимистички. Да веруваме дека разум постои и дека и покрај сите потреси главниот земјотрес нема да се случи. Само што, треба да се преживее некако и кога ударот е 5 или 6 степени според Рихтер наместо ужасните 9 да речеме. Една Норвешка за зимоска предвидува рестрикции на струјата. Норвешка, најбогатата и најпрогресивна земја во светот. Во Германија бараат да не се капат граѓаните премногу често за да се штеди на гас. Жито се купува по невидени цени на берзите ако воопшто можете да го најдете. Се заканува глад. Со директна војна меѓу големите или без неа, планетата се соочува со текстонски промени во кои многумина и невини ќе нестрадаат. Токму затоа, потребна е неверојатна ладнокрвност, присебност, лукавост и храброст кај помалите нации за да се снајдат и од лавиринтот на несреќите да излезат колку што може со помалку штети и повреди. Да, тоа е неопходно, ќе се согласите сите што ги гледате работите без розеви очила. А кога веќе сте ги извдаиле, тогаш барем погледнете кој ја води Македонија во овие критични времиња. Видете кој и што е премиерот на „нивната земја“, размислете за неговите постапки и решенија досега. Погледнете ги „акциите“ и „успесите“ на министрите, пратениците, амбасадорите, директорите на тајните служби, судиите, обвинителите и сите други што службуваат во име на актуелната власт. На секое поле, во која сакате област. Прочитајте ги невидените глупости, гадости и примитивизми на нивните полтрони по медиумите, во гестаповските служби за „проверка на говор на омраза“, читајте ги анализите и предлозите од нивните експерти и аналитичари, видете за што пари трошат нивните владини НВО другарчиња. И кога сиот нивни резултат ќе го соберете, ако се уште не сте полуделе од ужас, тогаш запрашајте се дали нешто не е во ред со вас. За нив нема што да се прашувате. На нив им е супер, подобро не можеле ниту да сонуваат.

Драган Милосављевиќ, уредник и водител на „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.