Трамп: Сега „Твитер“ е во добри раце

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја поздрави продажбата на Твитер на технолошкиот милијардер Илон Маск, велејќи дека е задоволен што „сега е во добри раце“.

„Многу сум среќен што Твитер сега е во здрави раце и нема да биде управуван од радикални левичарски лудаци и манијаци кои навистина ја мразат нашата земја“, објави Трамп на неговата социјална платформа „Вистина“.

Според некои аналитичари, на Трамп најверојатно ќе му биде дозволено да се врати пак на оваа социјална мрежа.

„Твитер“ трајно го отстрани Трамп од оваа сѝоцијална мрежа во јануари 2021 година, со објаснување дека твитовите на поранешниот претседател „многу веројатно да ги охрабрат и инспирираат луѓето да ги реплицираат криминалните дејствија што се случија во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година“.

Маск многу одамна најави дека ќе ја повлече таа забрана, нарекувајќи го Твитер „левопристрасен“, поишува Гардијан.

„Мислам дека не беше коректно да се забрани Доналд Трамп“, рече извршниот директор на Тесла на конференцијата на „Фајненшл тајмс“ во мај.

„Мислам дека тоа беше грешка. Тоа ја отуѓи земјата и не резултираше со тоа Доналд Трамп да нема глас. Мислам дека тоа беше морално лоша одлука и глупава во крајност“.

По преземањето на компанијата, Маск го отпушти извршниот директор Параг Агравал, како и главниот финансиски директор на компанијата и шеф за правна политика, доверба и безбедност Нед Сегал.

Токму под Агравал беше забранет пристапот до платформата на поранешниот претседател поради обвинувања за поттикнување говор на омраза и несоодветни коментари.