Доналд Трамп го нарече американскиот претседател Џозеф Бајден „државен непријател“ на неговиот прв партиски митинг откако американското Федерално биро за истраги (ФБИ) изврши претрес на неговиот имот во Флорида во потрага по доверливи документи.
Обраќајќи им се на илјадници приврзаници во Пенсилванија во саботата, поранешниот републикански претседател го обвини Бајден дека го користи ФБИ против него, пренесува Би-Би-Си.
Трамп тврди дека рацијата на ФБИ на неговиот имот била „една од најшокантните злоупотреби на моќ од која било администрација во американската историја“.
Агентите на ФБИ, кои го пребараа имотот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Флорида во август, пронајдоа празни папки означени со доверливост, како и повеќе од 10.000 записи без ознаки за класификација, според списокот на запленети материјали објавени во петокот, објави АП.
Во првиот дел од неговиот речиси двочасовен говор, тој ја критикуваше акцијата на ФБИ, а подоцна зборуваше на познатите теми: тврдењата дека му биле украдени изборите во 2020 година, нападите на ривалите во Демократската партија и ветувањата дека ќе ја „спаси Америка“, јавува Би-Би-Си.
