Трамп е морално некомпетентен и опасен, вели ексдиректорот на ФБИ

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, вчера за американскиот претседател рече дека е  опасен и морално неспособен лидер, кој прави голема штета на институционалните и на културните норми.

„Човек кој… говори и ги третира жените како парче месо, кој постојано лаже за големи и за мали нешта и инсистира на тоа дека американскиот народ му верува – не може да биде претседател на САД, од морални причини“, вели Коми во интервју за Еј-Би-Си њуз во кое ја најави и неговата книга „Висока лојалност: Вистина, лага и лидерство“.


Во интервјуто тој објаснува дека насловот на книгата произлезе од бизарниот разговор со Доналд Трамп во Белата куќа во јануари 2017 година, кога претседателот побарал лојалност од Коми како директор на ФБИ.

„Јас треба да бидам лојален на американскиот народ и на институцијата“, изјави Коми.

Во книгата што треба да се појави утре тој го опиша Трамп како лажливец и неморален водач, кој не е склон кон вистината.

Трамп веднаш одговори со редица навреди и за Коми оцени дека „историјата ќе го памети како најлош директор на ФБИ“.