Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов вели дека е несериозен предлогот со тројца сведоци да се стекнува државјанство. Постојат меѓународни конвенции и строги правила за тоа како се стекнува државјанство, вели Трајанов за Радио слободна Европа.

„Мислам дека е крајно неодговорно да предлагате закон со кој тројца сведоци сведоат дека тој и тој до 8 септември 1991 година живеел во Македонија.

На таков начин едно време стануваа партизани некои кои не учествувале во војната за да добијат одредени бенифиции.

Уште поригидна е одредбата дека доволно е и еден сведок кој живеел тогаш таму на тоа место и ако тој посведочи, лицето да добие државјанство, а нема икакви документи. Крајно несериозно е ова“, вели Трајанов.

Како контроверзен во реакциите од јавноста, се оценува и предлогот граѓанинот кој ќе добие македонско државјанство „ да владее најмалку еден од службените јазици во Република Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината.”

Пратеникот од Алијансата за Албанците Илми Азири, еден од предлагачите на измените на Законот за државјанство, вели дека овие измени биле дел од предизборните ветувања на Алијансата за Албанците и не крие дека брзањето за донесување на законот во скратена постапка е поради претстојниот попис кој треба да се одржи во април 2021 година.

„Ние тоа не го криеме. Овој закон е многу важен поради пописот што следува. За жал само во Македонија, пописот не е статистичка операција, туку политичка. Ние сме единствената држава во светот во која работите се уредуваат со проценти. Значи мора да се подигне довербата меѓу граѓаните и институциите на повисоко ниво“, категоричен е Азири.