Топланата „Скопје-Север“ доби забрана за работа на мазут

Топланата „Скопје-Север“ доби забрана за користење на мазут, гориво кое го користи од пред три дена. Инспектори од Секторот за животна средина на Град Скопје излегле на терен и издале забрана за користење на алтернативно гориво, информација што ја потврди Куштрим Рамадани, директор на топланата „Скопје-Север“, и додаде дека процесот продолжува на природен гас.

„Да, изречена е забрана за работа на мазут. Согласно еколошката Б дозвола со која располагаме должни бевме да го известиме Град Скопје дека преминуваме и на секундарно гориво – мазут што и сторивме. Не знам што е спорно. Производствениот процес продолжува исклучиво на гас. Количините се обезбедни до крајот на годинава, но ни фалат финансиски средства кои треба да ги одобри Владата за да се надмине разликата во признатиот и реалниот трошок за цената на гасот“, изјави Куштрим Рамадани, директор на топланата „Скопје-Север“.

Или целосен закуп на топланатa или ЕСМ да набавува гас за потребните на „Скопје-Север“, а претпријатието да гарантира со имотот дека ќе го врати долгот. Ова се двете опции кои Владата и ги нуди на оваа топлана за да може да добие помош оваа грејна сезона.