Топалов: Бугарија го признава идентитетот на Македонците, тој е од 1944 година

Кирил Топалов, бугарски член на Мешовитата комисија меѓу Македонија и Бугарија за историски и образовни прашања, одново го повика западниот сосед „да си ги признае историските корени, по што ќе му се отвори патот“.

„Бугарија го признава идентитетот на Македонците, тој е од 1944 година, но прашањето е што тие ја фалсификуваат историјата. Ако Македонците сакаат да зборуваат со Бугарите корисно и смислено, прво треба да си го преоценат својот лажен поглед кон својата историја. Може ли дел од бугарското население, кое е дел од бегалците од Македонија, да прифати дека нивните прадедовци и дедовци биле небугари и зборувале небугарски јазик? Тоа е апсурдно! Од нив се бара само најмалото нешто – да си ги признаат историските корени, па патот ќе им биде отворен насекаде“, порача Топалов преку Бугарското национално радио (БНР).

„Македонците да не се надеваат многу на тоа дека по изборите Бојко Борисов или некој друг што ќе победи ќе заземе друг став. Никој нема да прифати друг став! Линијата на национално-историското достоинство никој нема да ја промени. Тоа би било политичко самоубиство и во Скопје треба да го знаат тоа“, додаде тој.