Топалов: Ако направиме како Грците, Скопје брзо ќе клекне!

Кирил Топалов, бугарски член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, по кој знае кој пат удри по „братучедите“ од Македонија, како што вели самиот.

„Околу два милиона сме потомците на некогашните македонски емигранти. Тоа ја одредува и онаа доза категоричност со која ние се однесуваме кон македонското прашање. Не можам да прифатам дека мојот дедо, кој гинел за Бугарија, не бил Бугарин. Во Македонија се обидуваат да го променат идентитетот на нашите дедовци пред 100 години, а плачат дека ние сме го промениле нивниот идентитет. А ние прифаќаме и дозволуваме нешта што никој друг не би ги прифатил. Како тоа се менува националниот идентитет за 60 години?“, праша тој во емисија на Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Прашањето кај Грците беше решено така што тие воопшто не се занимаваа со тој проблем. Тие направија два митинга по 1,5 милиони, со што му покажаа на светот, а и на своите соседи, што ги очекува и каква е позицијата на грчкиот народ и на сите грчки влади, леви или десни. И потоа ги заборавија. Јас сум разговарал со грчки политичари за тоа. И така во Скопје го прифатија името Северна Македонија. Грците ги оставија тие да мислат, тие да одлучуваат. И на крајот нашите братучеди си го удрија челото на прагот на Грците и рекоа ‘прифаќаме сè, се откажуваме од антиката. Како така за неколку месеци тие успеаја да си ги препечатат учебниците и од нив да исфрлат сè што се однесуваше на антиката и сите нивни лаги, а ние веќе 3,5 години зборуваме со нив и тие ни буква не променија во своите учебници, во кои пишува дека ние сме Татари, Турци и Монголи, фашисти, окупатори и што ли уште не“, додаде поранешниот бугарски амбасадор во Грција.

„Тие веќе ни ја украдоа историјата. Нивното општество веќе е настрвено против Бугарија“, заклучи Топалов.