Тодоров тврди: Не договоривме дека Цар Самуил е Бугарин

Нема договор дека Цар Самоил е Бугарин, договорено е само заеднички да се чествува, вели Петар Тодоров член на македонско-бугарската комисија за историски прашања за ТВ 24.

По дводневниот состанок на македонски терен, Тодоров испрати порака до политичарите од власта и опозицијата да не ја користат историската комисија за политички поени – напредок има, но тој е само подобрена комуникација меѓу тимовите и позитивна атмосфера.

Петар Тодоров член на Комисијата за историски прашања со Бугарија

– Дали договоривте дека Цар Самоил е Бугарин и заеднички да се чествува?

– Прво не сме се договориле дека е Бугарин. Сме кажале многу пати, ќе го повторуваме колку што е потребно, дека ние не одредуваме етнички идентитети на личности. Во однос на тој негов идентитет Цар Самоил е христијанин и Ерменец, тоа светската наука го кажува многу јасно. Ние договоривме заедничко чествување за Цар Самоил уште во 2019та година

Додека историчарите воздржано најавуваат напредок, во Скопје и Софија оптимизам дека историските прашања се откочени. Последната недела таков оптимизам дури двапати стигна од бугарскиот премиер Петков .

Тој и денеска во интервју за бугарски- „24часа“ кусо одговори дека треба да се почекаат заклучоците од комисијата. На прашање дали најавува повлекување на ветото, Петков порача дека Бугарија треба да се запраша дали сака стабилен Балкан.

– Според мене, тоа се важни прашања и треба да се решат, да размислиме, особено кога има јасна тенденција дека некој работи против тоа, дали навистина е во интерес на Бугарија РСМ да се оддалечи од членството, што е интерес на Русија, на пример, која не сака да го види цел Балкан е стабилен и во Европа. – изјави Кирил Петков премиер на Р. Бугарија.

Премиерот Ковачевски пак вчера во интервју за 360 степени , навести дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав пред отворање на првиот кластер, со чисто решение за македонскиот јазик е добра основа за разговори со Софија.

– Тоа е добра за основа за разговор од причина што за јазикот, јас веќе кажав, и за идентитетот, од секој аспект на македонскиот народ, ниту се преговара, ниту ќе биде предмет на преговори. – изјави Димитар Ковачевски премиер на РСМ.

Македонија се надева на датум за преговори овој јуни, за време на француското претседавање со Унијата. Во политичките преговори со Софија за деблокирање на процесот засега не се откриваат детали,а пораките и од двете страни се, додека нема компромис за сите точки и документ , нема да се разговара во јавноста.

Видео.